Sakam Penzija

You've got mail

Денес пративме 2 мејла до МАПАС и членовите на управните одбори на трите пензиски друштва во Cc. Содржината е малку подолга и објавена подолу, а се однесува на:

  1. Законско намалување на надоместоците кои идните пензисонери ги плаќаат кон вториот пензиски столб и
  2. Содржината на зелениот плик.

Во наредниот период ќе направиме breakdown на нивната содржина и поенти за да бидат разбирливи за сите, а и за да не ме гледате како што го гледаа Столе Стоилов кога објаснуваше за “лажен цепелин.”

Stay tuned!

Music in the background

"Things that make you go Hmmmmm" - C+C Music Factory

Во продолжение е содржина на двата мејла пратени до МАПАС (во Cc – членовите на управните одбори на пензиските друштва)

E-mail I:

Законско намалување на надоместоците кои пензиските осигуреници ги плаќаат на пензиските друштва

Почитувани,

Согласно сегашниот Законот за задолжително капитално финансиско осигурување, надоместоците што ги плаќаат осигурениците кон пензиските друштва ги одредуваат самите друштвата, меѓутоа се ограничени со закон бидејќи додатната конкуренција не носи и намалување на платените надоместоци (согласно согледување на МАПАС).

Надоместокот од придонеси во износ од 1,70% не е намален од 2025 година, но што е многу позагрижувачко за пензиските осигуреници е што надоместокот за управување од 0,03% на месечно ниво (односно 0,36% на годишно ниво) не е намален од 2019 година, односно последниве 7 години.

Во меѓувреме (ексел табела во прилог):

– Надоместокот за управување на средствата кај трите пензиски друштва заедно пораснува од ЕУР 4,300,000 во 2019 на ЕУР 10,800,000 во 2025 година, а вкупните средства со кои управуваат трите пензиски друштва порасна од ЕУР 75,000,000 во 2019 на ЕУР 188,000,000 во 2025 година

– Вкупно платените надоместоци на осигурениците во овие 20 години од нивно постоење изнесуваат околу ЕУР 137,000,000

– Вкупната добивка од управување со фондовите овие 20 години изнесува околу ЕУР 95,000,000, а сеопфатната добивка изнесува околу ЕУР 55,000,000.

–        Исплатената дивиденда кон акционерите на КБ Прво пензиско изнесува околу ЕУР 20,000,000, а на Сава пензиско друштво околу ЕУР 10,000,000

Поради тоа што КБ Прво пензиско друштво управува со ЕУР 1,500,000,000 им дава leverage да преговараат со нивната банка- чувар за намалување на своите трошоци; од седницата на Советот на експерти од 29/01/2026 Сава Пензиско друштво добива одобрение за менување на договорот со нивната банка- чувар на имот; МАПАС повторно ги намали трошоците што ги наплаќа од пензиските друштва од 0,7% на 0,6%.

Историски гледано, надоместоците што ги наплаќаат пензиските друштва овие 20 години секогаш биле регулирани законски со определување на нивен максимален износ, преку измени и дополнувања на Законот низ годините.

Но, тоа не е направено од 2019 година, кога Надоместокот од средства е лимитиран на максимум 2%, а износот на Надоместокот за управување е максимум 0,03% на месечно ниво.

Во овој 7- годишен период пензиските друштва го имаат намалено само Надоместокот од средства на 1,90% за 2023 година; 1,80% за 2024 година и 1,70% за 2025 година, а Надоместокот за управување е оставен на максималното ниво од 0,03% на месечно ниво.

Согласно Законот, пензиските друштва ги одредуваат надоместоците што ги наплатуваат, но во рамки на законски дозволеното.

Прашања:

  1. Зошто овие 7 години немате иницирано измени/ дополнувања на Законот како порано и промена на максималното ниво на надоместоци што се наплаќаат од осигурениците?

Секако дека ви е јасно дека тоа е највисоката профитна ставка на пензиските друштва.

  1. Зошто со новиот Предлог Закон повторно ја пропуштате шансата да ги намалите надоместоците кои ги плаќаат идните пензионери?

Пред да ми одговорите дека Надоместокот на средствата е намален на 1,5% за растечко и балансирано портфолио и 0,5% за конзервативно портфолио, како и 0,01% месечно Надоместок за управување за конзервативно портфолио (0,03% месечно за растечко и балансирано портфолио), сите во мејлов добро знаеме дека:

Над 330,000 осигуреници до сега немаат ни потпишан договор со пензиско дружтво, што упатува на тоа дека ќе бидат распределени во портфолио согласно Предлог Законот

Согласно вашите податоци од 31/12/2025 бројот на осигуреници во вториот пензиски фонд кои се 56+ изнесува 20,970 што е 3,33% од вкупниот број на осигуреници во вториот пензиски фонд. Тие автоматски ќе бидат во конзервативното портфолио со 0,5% Надоместок од средства и 0,01% Надоместок за управување, додека останатиот дел односно над 95% ќе бидат распределени во растечко или балансирано портфолио согласно возраста. Сигурно имате направено проекции за тоа како би се распределиле членовите.

Тоа упатува дека практично надоместоците што ги плаќаат идните пензионери ќе продолжат да растат експоненцијално и понатаму на штета на износот на нашите идни пензии, а во корист на профитот на пензиските друштва и дивидендите на нивнте сопственици.  Compounding ефектот на сето тоа го разбираме сите во мејлов.

Секако, во моментов во сила се сеуште надоместоците од 1,70% како Надоместок од средства и 0,03% на месечно ниво како Надоместок за управување и ќе продолжи тоа уште најмалку 2 години (околу 1 година до донесување на новиот закон и 12 месеци за негова примена), во кој период приходот од надоместоци ќе расте уште повеќе, а тој раст ќе продолжи со исто темпо и по донесување на новиот закон.

  1. Зошто ја пропуштате можноста со новиот Предлог Закон да воведете членови кои ги има во хрватскиот закон, а нашиот пензиски систем и нивниот се најслични, а се однесуваат на:

Загарантиран принос – цитирам член 113 од хрватскиот закон

(а) На секој член на пензиски фонд му се гарантира принос еднаков на референтниот принос од соодветната категорија на пензиски фонд, намален за дванаесет процентни поени во пензиски фонд од категорија А, шест процентни поени во пензиски фонд од категорија Б и три процентни поени во пензиски фонд од категорија В.Bottom of Form

(б) Референтната стапка на принос на пензиските фондови се пресметува за претходната календарска година за секоја категорија пензиски фондови како пондерирана аритметичка средина од просечните годишни стапки на принос на сите пензиски фондови од истата категорија за периодот од претходните три календарски години, при што пондерот е учеството на нето вредноста на средствата на поединечен пензиски фонд во вкупната нето вредност на средствата на сите пензиски фондови од истата категорија на последниот работен ден од календарската година.

(в) Доколку просечниот годишен принос на пензискиот фонд во периодот од претходните три календарски години е помал од гарантираниот принос согласно став 1 од овој член, пензиското друштво ја исплатува разликата на пензискиот фонд до гарантираниот принос од гарантниот депозит, а доколку тој не е доволен, од акционерскиот капитал на пензиското друштво до максимум 50% од акционерскиот капитал на пензиското друштво.

г) Пресметката на гарантираниот принос согласно овој член се врши во јануари секоја година за претходната календарска година, на начин и во рок пропишан од Агенцијата во прописите.

Без ваков член во Законот, работата на пензиските друштва се сведува на:

–        следење на законските одредби за вложување на средствата,

–        следење на нивната 7-годишна стратегија согласно новиот закон и

–        наплата на надоместоци –

БЕЗ РЕАЛНА ОДГОВОРНОСТ за своето работење т.е износот на идните пензии на осигурениците.

P.S Да не спомнувам дека влезната провизија е веќе 0% во Хрватска од 2024 година, сигурно знаете.

Ве молам за писмен одговор и ваше образложение по наведените точки.

E-mail II:

Содржина на Зелениот плик

Почитувани,

согласно Законот за задолжително капитално финансиско осигурување, како и сите ваши стратешки документи, една од целите на основање на МАПАС е заштита на интересите на членовите на пензиските фондови.

Еден од основните постулати на заштитата на интересите на членовите е обезбедување фер и објективно информирање.

Мојата забелешка/ поплака/ барање се однесува на содржината на Зелениот плик и информациите што ги содржи или поточно – не ги содржи, а се однесуваат на:

  1. Објавување на Надоместокот за управување не само како износ во процент (0,03% на месечно ниво), туку и како износ во МКД.

Во моментов, Зелениот плик ја содржи следнава информација:

Во текот на _______година пензиското друштво наплати надоместок од придонеси во износ од _____ден и месечен надоместок од вредноста на нето средствата, за управување со средствата, во висина од % за _____ година.

Тоа се коси со Законот за заштита на потрошувачите, каде јасно се наведува дека сите трошоци што се плаќаат мора да бидат наведени. Сепак, МАПАС воедно ги застапува правата на осигурениците во комисијата за заштита на правата на потрошувачите во рамки на Министерството за финансии.

Надоместокот за управување е највисока ставка на приходната страна на секое пензиско друштво, поради што е уште поважно осигурениците да бидат инфрмирани колку точно плаќаат.

Согласно а) Стратегискиот план на МАПАС 2024 – 2028 точка 2.4 (Унапредување на квалитетот на информаациите што се доставуваат до членовите во врска со нивните права, обврски и интереси, со цел да се изгради доверба во системот и на транспарентен и ефикасен анчин да ги задоволи барањата на членовите) и б) Акцискиот план: Област: Грижа за членови и заштита на потрошувачи

  1. Постапување по претставки од членовите и решавање на проблемите на членовите
  2. Редовно информирање на членовите за нивните права и обврски
  3. Комуникација со пензиските друштва во врска со повратните одговори од членовите за зелен плик
  4. Контролирање на квалитетот на разговорите со членовите од страна на одговорни лица

Носители: ООЈС, СИК, СФК, СИМС, КККР

Област: Супервизија

  1. Контрола на агенти на пензиски друштва и постапување против секаков вид погрешно информирање на членовите од страна на агентите на пензиските друштва
  2. Контрола на материјалите и активностите за маркетинг на пензиските друштва

Носители: СИК

ве молам за корекција на насоките дадени во вашиот документ Правилник за начинот и постапката на маркетинг на пензиски фондови и објавување на Надоместокот за управување не само како износ во процент (0,03% на месечно ниво), туку и како износ во МКД.

  1. Содржина на Зелениот плик

Во 20-годишното постоење на вториот пензиски столб содржината на Зелениот плик е сменета 2 пати (кореспондира со Деталниот извештај за пензиска заштеда и Извештајот за пензиска заштеда наведени во документот Правилник за начинот и постапката на маркетинг на пензиски фондови).

Иако од вас добив одговор дека сегашниот изглед на Извештајот е направен заради симплификација на неговото читање, сепак сметам дека само со наведување на салдото на индивидуалната сметка, износот на сметководствената единица на крајот на периодот и датумите на уплати, со наведен износ на МКД за Надоместокот од средства, без износ во МКД за наплатениот надоместок за управување со средствата, осигурениците не добиваат целосна и логична информација за тоа што се случува со нивните пензиски заштеди.

Од аспект на финансиска едукација сметам дека Деталниот извештај е многу подобар од сегашниот, се разбира со дадавање на ставката Износ на МКД на Надоместокот за управување со средствата (точка 1), затоа што во него е наведено:

–        Датум на уплата на придонесот

–        Месечен износ на уплатата

–        Намалување на месечниот износ за Надоместокот на средства

–        Така добиениот износ поделен со вредноста на СЕ го покажува износот на СЕ што се забележува на индивидуалната сметка

–        Постојан раст на салдото на СЕ со секоја уплата

–        Износ на СЕ во МКД

Така, осигурениците имаат претстава за логичниот след на она што се случува со нивните месечни уплати и провизиите што ги плаќаат.

Од аспект на UX дизајн, кога се воведува нешто ново обично се бара сличност со нешто што веќе се користи и е усвоено како знаење. Следствено, индивидуалната сметка треба да кореспондира со банкарска сметка каде можете да ги следите своите плаќања/ приливи, провизии кои ви се наплатени, салдо на сметката- односно секое движење на вашата сметка.

Умеењето да се чита својата индивидуална сметка допринесува за зголемување на интересот за тоа што се случува со пензиската заштеда на секој член на фондот.

Ве молам за писмен одговор на двете барања и акциски план за нивно спреведување.

P.S Бидејќи Правилникот за начинот и постапката на маркетинг на пензиски фондови го пропишувате вие, практично ова може да се спроведе ASAP и да стане оперативно со наредниот Зелен плик, значи тој за 2027 година кој се однесува за работењето на пензиските друштва и пензиските фондови за 2026 година.

Срдечен поздрав,

Билјана Јованоска

Ако содржините на веб страната ви помогнуваат за поголемо разбирање на пензискиот систем во Македонија, би можеле:

We are making the numbers human