Sakam Penzija

Структура на пензискиот систем

Дали знаеш што е МАПАС?

МАПАС е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, која е основана со цел да ги штити интересите на членовите на пензиските фондови. МАПАС е државна институција, која издава дозволи за основање на пензиски друштва, кои управуваат со пензиски фондови како и банки- чувар на имот. Воедно, врши и нивна супервизија и го регулира нивното работење.

Со Законот за пензиско и инвалидско осигурување од 2000 година беше воспоставена легислативната рамка за новиот, трослоен пензиски систем во Република Македонија.

Неговиот опфат го чинат трите столба:

Пензиски столб е термин користен за означување на составен дел на пензиски систем.

Прв столб е задолжителниот државен пензиски фонд, кој и во иднина ќе продолжи да функционира според принципот на генерациска солидарност.
Во него ќе се уплаќаат придонесите од бруто платите на осигурениците ќе се користат за исплата на пензиите на сегашните, но и на идните пензионери според следната шема:

  • Осигурениците кои нема да пристапат во вториот столб ќе продолжат да уплаќаат 18,8% од бруто платите во првиот столб
  • Осигурениците кои ќе пристапат во вториот столб од пензискиот систем во првиот столб (државниот пензиски фонд) ќе уплаќаат 18,8% од нивната бруто плата, од кои 12,8% се уплаќаат во првиот столб, додека 6% во вториот столб.

Вториот столб го претставуваат задолжителните приватни пензиски фондови, од кои секој осигуреник може да избере само еден. Во приватните пензиски фондови задолжително ќе се уплаќа дел од придонесот (6%) на сите лица вработени по 1 јануари 2003 година или родени по 1 јануари 1967.

Управувањето со средствата на приватните пензиски фондови e доверено на друштва за управување со овие фондови.

Секој член на приватните пензиски фондови има сопствена (индивидуална) сметка на која се уплаќаат средствата од придонесот за пензиско осигурување издвоен од бруто платата.

Во третиот столб секој осигуреник може да членува според својот доброволен избор. Овој столб на пензискиот систем ќе нуди можност за остварување на повисока пензија на оние осигуреници кои доброволно ќе одлучат да издвојуваат дополнителни средства од своите приходи.

Што се случува со придонесот кој ми се одвојува за втор столб?

Тие средства се уплатуваат на Вашата индивидуална сметка во Вашиот задолжителен пензиски фонд, кои потоа се вложуваат во финансиски инструменти со цел зголемување на средствата кои ќе ги добивате како пензија.

Значи 12,8% од придонесите одат во првиот, а 6% во вториот столб.

Пензиското друштво средствата на пензиските фондови ги инвестира најчесто во: депозити во банки, акции од домашни издавачи, обврзници од домашни издавачи, краткорочни хартии од домашни издавачи, акции од странски издавачи, инвестициски фондови од странски издавачи, итн.

Вие ќе добивате пензија од два извора:

Од првиот столб и од вториот столб (а доколку сте член и на третиот доброволен пензиски столб, тогаш ќе добивате пензија од 3 извори).

Висината на Вашата пензија од прв столб ќе зависи од должината на Вашиот работен стаж, висината на платата и полот. Висината на Вашата пензија од вториот столб ќе зависи од висината на Вашите средства на Вашата индивидуална сметка во задолжителниот пензиски фонд.

Што е сметководствена единица?

Сметководствена единица е начин на изразување на средствата на пензискиот фонд.

Како се пресметува?

Пример: Доколку Вие, како член на пензиски фонд, уплатите 5.000 денари придонес, а вредноста на една единица е 235,843874, тоа значи дека Вие имате 21,200466 сметководствени единици (=5.000 денари / 235,843874).

Доколку вредноста на сметководствената единица наредниот ден порасне на 238,589658, тоа значи дека се зголемила вредноста на Вашите средства односно имате 5.058,21 денари (=21,200466*238,589658).

број на сметководствени единици

X

вредност на една сметководствена единица

=

Пари на Вашата индивидуална сметка

Пензиските друштва еднаш годишно Ви доставуваат т.н зелен плик, кој содржи информации за износот на средствата што ги имате на Вашата индивидуална сметка.

Нестрпливите и паметните (or both) често ја проверуваат состојбата на својата индивидуална сметка, електронски, на веб страниците на пензиските друштва.

Како се мерат средствата на пензискиот фонд?

Тоа е вкупната проценета вредност на сите вложени инструменти, побарувања и парични средства, намалени за обврските на пензискиот фонд.

WARNING!

Highly unstable without at least one cup of coffee!

Ако содржината на веб странава ви помогна да ја разберете структурата на пензискиот систем и  ако се чувствувате особено дарежливи денес, би можеле: